ГОЛЕМА НАГРАДНА ИГРА „КУПИ, ВКУСИ, ВОЗИ!“

Правила за наградната игра
„КУПИ, ВКУСИ, ВОЗИ!“


Согласно Законот за игрите на среќа и за забавните игри, се утврдуваат следните правила на Наградната игра:
1. Назив и седиште на трговското друштво кое е организатор на наградната игра
• Организаторот на наградната игра ,,Купи, вкуси, вози!” е Акционерско друштво фабрика за чоколади, вафли и бонбони Европа – Скопје, со седиште на улица 808, бр.8, 1000 Скопје;
2. Производи заради чие рекламирање се приредува наградната игра
• Наградната игра се организира за рекламирање на производите на АД Европа Скопје, само во продажните објекти на АД Европа Скопје;
3. Име, опис и времетраење на наградната игра
• Официјалното име на наградната игра е „Купи, вкуси, вози!“;
• „ Купи, вкуси, вози! “ е наградна игра организирана за да ги награди своите потрошувачи кои со направена сметка во вредност од минимум 1.200 денари за купени производи од брендот АД ЕВРОПА Скопје само во продажните места на АД Европа Скопје, ќе треба да пополнат образец со своите податоци име и презиме, кодот на фискална сметка, датум и часот од фискалната сметка, да ја чуваат фискалната сметка во оригинал и неоштетена a пополнетите обрасци да ги остават во специјално означени кутии во продажните места на АД ЕВРОПА Скопје;
• Учесниците во наградната игра ќе имаат можност да добијат некоја од следните награди: еден автомобил, три веспи, три ел.скутери, три телевизори, четири викенди во хотелско сместување за двајца во Охрид, дваесет пакети производи на АД Европа Скопје;
• Наградната игра започнува на 21 Мај 2026 година со почеток во 00:01 часот и ќе трае до 21 Септември 2026 година до 23:59 часот;
• Правилата на наградната игра, начинот и условите за учество во наградната игра, како и нејзиното времетраење, организаторот АД Европа Скопје ќе ги објави на официјалната веб-страница на АД Европа, www.evropa.com.mk, но и во продажните објекти вклучени во наградната игра, пред започнување на истата а по добивање на согласност од Министерство за финансии.

4. Територија
• Наградната игра се организира и спроведува на територија на Република Северна Македонија за сите полнолетни жители, државјани на Република Северна Македонија.


5. Рекламирање
• Наградната игра ќе се рекламира во електронските портали, социјални медиуми и радио медиуми.


6. Награден фонд

награди
Наградната игра располага со фонд на награди од вкупно 34 (триесет и четири) награди. Вкупниот максимален награден фонд за целото времетраење на наградната игра изнесува 2.249.547 денари со ДДВ. Наградите кои ќе се доделат:
*Вредностите во табелата се искажани во денари
*Одговорноста за исправноста на доделените производи како и за нивната гаранција паѓа на товар на добавувачот. Трошоците за регистрација и сите други давачки поврзани со пренос на сопственост на автомобилот и на веспите на име на добитниците паѓаат на товар на добитниците.
Количините на награди од Наградната игра се дефинирани како по погоре прикажаната табела и без претходна согласност од Министерство за финансии нема да бидат доделени повеќе награди. Нема да има можност за замена на награди со други парични награди или други типови награди од иста вредност.

7. Услови за учество во наградната игра
Во наградната игра, право на учество имаат само полнолетните потрошувачи на производите на АД Европа Скопје кои:
• Купиле производи на АД Европа Скопје во продажните објекти на АД Европа Скопје во вредност од минимум 1.200 денари,
• Рачно читливо пополниле формулар со своите податоци, кодот, датумот и часот од фискалната сметка со која ги купиле производите на АД Европа и формуларот го оставиле во специјално означената кутија за оваа наградна игра во продажните објекти на АД Европа Скопје;
• Веќе извлечените фискални сметки во некое од извлекувањата кои добиле награда, нема да имаат можност да учествуваат во наредните извлекувања.
• Секој учесник во наградната игра кој ги исполнува условите за учество ќе може со една фискална сметка со минимален износ од 1.200 денари и повеќе, да добие и пополни само еден формулар,
• Во наградната игра забрана за учество имаат лицата кои за времетраењето на наградната игра се вработени во АД Европа Скопје или во ЗТД Европак 2012 ДОО Скопје, како и членовите на нивните потесни семејства.
Доколку извлечениот добитник е дел од оваа група на лица наградата нема да се додели.
Добитникот пред да ја подигне наградата ќе потпише потврда дека во своето најблиско семејство нема вработени кај организаторот.
Со пријава за учество во наградната игра учесниците потврдуваат дека се целосно запознаени со одредбите од овие правила и се согласни со истите.

8. Извлекување на добитниците на наградната игра
• Право на учество ќе имаат оние учесници кои оставиле пополнет формулар во специјално означена кутија во продажните места на АД ЕВРОПА Скопје до последниот ден пред секое извлекување.
• Извлекувањата ќе се вршат со следниот распоред:
- Првото извлекување ќе се одржи на ден 24.06.2026 година во 12:00 часот пред продавницата на АД ЕВРОПА Скопје со седиште на ул.808 бр.8 во Скопје. Во првото извлекување на наградите, право на учество ќе имаат само фискалните сметки издадени од 21.05.2026 година до 22.06.2026 година.
- Второто извлекување ќе се одржи на ден 29.07.2026 година во 12:00 часот пред продавницата на АД ЕВРОПА Скопје со седиште на ул.808 бр.8 во Скопје. Во второто извлекување на наградите, право на учество ќе имаат само фискалните сметки издадени од 23.06.2026 година до 27.07.2026 година и
- Третото извлекување ќе се одржи на 26.08.2026 година во 12:00 часот пред продавницата на АД ЕВРОПА Скопје со седиште на ул.808 бр.8 во Скопје. Во третото извлекување на наградите, право на учество ќе имаат само фискалните сметки издадени од 28.07.2026 година до 24.08.2026 година.
- Четвртото извлекување ќе се одржи на 23.09.2026 година во 12:00 часот во Хотел Александар Палас - Скопје во Скопје. Недобитните фискални сметки од првото, второто и третото извлекување и фискалните сметки издадени од 25.08.2026 година до 21.09.2026 година ќе имаат право на учество во четвртото извлекување на наградите.
• Извлекувањето на наградите ќе се спроведе мануелно и јавно во присуство на три члена комисија избрана од страна на организаторот на наградната игра.

9. Објавување на резултатите од наградната игра
• Резултатите од извлекувањето ќе бидат објавени на веб-страната на АД Европа Скопје www.evropa.com.mk, на профилите на АД Европа Скопје на социјалните мрежи, во рок од 3 (три ) дена од денот на извлекувањето.
• Добитниците на наградите ќе бидат известени телефонски на телефонскиот број согласно доставените податоци во формуларот за учество (организаторот не презема одговорност за погрешно доставени податоци), а дополнително и преку апликацијата за комуникација „Вибер“ или со помош на СМС порака.

10. Доделување на наградите
• Наградите ќе бидат доделени во рок од петнаесет дена од објавување на добитниците;
• Наградата не може да се пренесе на друго лице. Добитниците не може да ги заменат своите награди за паричен износ еднаков на нивната вредност, ниту пак за кој било друг предмет;
• Добитниците на награди истите ќе може да ги подигнат од седиштето на АД Европа Скопје, на адреса улица 808, бр.8, 1000 Скопје со приложување на документ за
идентификација и добитната фискална сметка во оригинал;

11. Известување и подигање на наградите
• По секое извлекување добитниците се должни да се евидентираат со лична карта и фискална сметка во рок од петнаесет дена по објавување на резултатот. Добитниците на наградите се должни во рок од петнаесет дена да ја подигнат наградата. Добитниците, наградите ќе ги подигнуваат од седиштето на организаторот - АД Европа Скопје со валиден документ за идентификација и фискална сметка (неоштетена и во оригинал) со која добитниците ги купиле производите на АД Европа Скопје;
• Доколку добитникот не ја сочувал фискалната сметка во оригинал, истиот ќе биде дисквалификуван и наградата нема да се додели и истата ќе се префрли во фондот на награди за наредното извлекување;
• Доколку добитникот од која било причина не е во можност да ја подигне наградата, може да назначи лице кое ќе го стори тоа во негово име со нотарски заверено полномошно, со приложување на потребните документи за идентификација и приложена фискалната сметка (неоштетена и во оригинал) од купените производи на АД Европа која добитникот ја навел во извлечениот формулар;
• Доколку во рок од петнаесет дена добитникот не ја подигне наградата, наградата станува неважечка и добитникот нема право да ја подигне истата бидејќи ќе биде префрлена за наредното извлекување;
• Доколку добитникот го откаже подигнувањето на наградата од која било причина, должен е за истото писмено да го извести Организаторот – АД Европа Скопје.

12. Право на приговор
• Незадоволниот учесник во наградната игра има право да поднесе приговор во писмена форма во рок од 3 (три) дена од објавување на добитниците на наградите до адресата на организаторот, а организаторот писмено ќе одговори на приговорот во рок од 8 дена од денот на прием.
• Евентуално недоразбирање ќе се решава во духот на добрите обичаи и спогодбено, во спротивно надлежен е Основен граѓански суд Скопје со примена на важечките закони на Р.С.Македонија.

13.Одговорност
• Целокупниот награден фонд ќе биде обезбеден од страна на Организаторот – АД Европа Скопје;
• Со плаќањето на персоналниот данок и преземањето на наградите, престануваат понатамошните обврски на АД Европа Скопје спрема добитниците;
• Организаторот нема никаква одговорност која може да произлезе од користењето на наградите, како и плаќање на штети или тужби кои на некаков начин се поврзани со користењето на наградата;
• Потенцијалниот учесник во оваа наградна игра разбира и се согласува дека учествува во наградната игра на свој сопствен ризик.
• Со самото учество во наградната игра учесникот се согласува, доколку биде извлечен за некоја од наградите, неговите лични податоци да бидат јавно објавени.
• Организаторот не одговара во случај кога добиена награда не може да биде дадена или искористена поради неможност потенцијалниот добитник или негов претставник да се јави и да ја добие наградата во определените рокови или поради други технички или правни пречки врзани со конкретниот добитник или негов претставник и поради околности предизвикани од виша сила, нормативни или законски ограничувања или
други околности.
• Во случај на печатни грешки во рекламните материјали Организаторот нема да се смета за одговорен.

14.Прекинување на наградната игра
• Наградната игра може да биде прекината во случај на виша сила, вклучувајќи ја неможноста на Организаторот – АД Европа Скопје да ја изведе наградната игра поради причини независни од неговата волја по добиена согласност од Министерството за финансии;
• Во овој случај, Организаторот – АД Европа Скопје да треба да ги информира потрошувачите за прекинувањето на наградната игра, истото ќе го направи преку соопштение во продажните места на АД Европа Скопје, на веб страната на АД Европа Скопје и социјалните медиуми.

15.Одобрение за обработка на лични податоци
• Со пополнување на формуларот за учество, учесниците се согласни да ги дадат своите лични податоци на организаторот и тоа: име и презиме, телефонски број, како и личната карта на увид. Организаторот – АД Европа Скопје ќе ги користи и обработува личните податоци на добитниците исклучиво за целите на наградната игра. Личните податоци од добитникот се бараат заради проверка на правото за учество во наградната игра. Вршењето увид во личната карта е потребно за да се утврди правото на учество во наградната игра.
• Личните податоци на учесниците нема да се користат за други цели, освен со изрична согласност на учесникот, која учесникот може да ја даде на Организаторот – АД Европа Скопје.
• За сите лица, кои ќе бидат вклучени во процесот на прибирање и обработка на личните податоци, ќе се обезбедат потпишани овластувања за работа со лични податоци и изјава за заштита на лични податоци.
• Организаторот – АД Европа Скопје се обврзува дека нема да ги проследува личните податоци на трети лица, освен доколку е тоа потребно за изведување на наградната игра;
• Личните податоци на учесниците во наградната игра ќе се користат само во согласност со Законот за заштита на лични податоци;
• За учество во јавни настапи на организаторот на наградната игра кои се од промотивен карактер во врска со објавување на добитниците и врачување на наградите, потребна е дополнителна согласност од секој добитник. За ваквото учество добитниците немаат право на дополнителен надоместок.

16.Задолжителни права
• Сите учесници се обврзани со правилата на наградната игра ,,Купи, вкуси, вози!”. Сите заинтересирани можат да добијат копија од правилата на наградната игра од Организаторот;
• Добитникот на наградата-автомобил нема право да го отуѓува возилото 12 месеци од денот на објавата на резултатот и нема право да го брише брендот АД Европа Скопје на автомобилот.
• За дополнителни информации учесниците можат да се јават на телефонскиот број 02/3114-774 во АД Европа Скопје, секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот, во
периодот од 21.05.2026 година до 21.09.2026 година;
• Правилата на наградната игра со цел запознавање на потенцијалните учесници на истата, ќе бидат јавно објавени на веб-порталот на АД Европа Скопје www.evropa.com.mk, во продажните објекти на АД Европа, по добивање на согласност од Министерство за финансии на РСМ а пред почетокот на наградната игра.

17.Завршни одредби
• Со исполнување на правилата за учество во наградната игра, учесниците ги прифаќаат одредбите од овие правила. Овие правила се задолжителни за учесниците и истите ќе се применуваат по добивање на согласност од Министерство за финансии на Република Северна Македонија и по нивното јавно објавување, а ќе важат до завршувањето на наградната игра, односно до завршувањето на рокот за подигнувањето на наградите.

АД Европа Скопје